Петар Печков
Објавено: сабота, 12 јули 2014
Триесет и двајца граѓани ќе го дочекаат крајот на животот во затворот „Идризово“. Осудени за најтешки кривични дела, за нив постои мала надеж дека ќе добијат помилување и намалување на казната. За да се случи тоа, најнапред е потребно да се исполни првиот услов: осуденикот да има одлежано минимум 15 години во затвор.
Според условите што ги добиваат, осудениците на доживотен затвор не се разликуваат од обичните затвореници, освен што не смеат да работат и да ја напуштат зградата во којашто се сместени, немаат право ниту на викенд- отсуство.
Во Казнениот законик е предвидено дека доживотен затвор не може да му се изрече на сторител што во време на извршувањето на кривичното дело нема наполнето 21 година од животот.
Сите лица што се осудени на доживотен затвор, се сместени во затворот ‘Идризово‘. Моментно, најстрогата казна ја издржуваат 32 лица потврдуваат од Министерството за правда.
Од попознатите случаи, доживотна казна досега е досудена за Тони Денковски за тројното убиство во ресторанот „Биг фиш“ во скопската населба Аеродром, кога тој пред повеќемина очевидци влегол во ресторанот и еден по еден застрелал тројца луѓе со кои имал должнички односи од кои сите починаа.
Доживотна казна доби и скопјанецот Виктор Карамарков за убиство на четири жени и два обида за убиство. Меѓу покарактеристичните се и казните на Анте Ристески и Игор Мирчевски, кои беа осудени на доживотна робија за ѕверско мачење и убиство на Митра Силјановска и на Радослав Божиновски од Кичевско
. Доживотна казна доби и Бесим Алити од Тетово за убиство на двајца полициски инспектори. На доживотен затвор беше осуден и гостиварскиот полицаец Јаким Трифуновски, кој во февруари 2012 година усмрти двајца негови сограѓани. Веќе седма година во „Идризово“ минува скопјанецот Дино Диневски, осуден поради бруталното убиство на Сандра Китановска. Николче Гигевски- Кинез е осуден оти ги уби соседите Цвета и Санде Тодевски од скопско Драчево, коишто сакал да ги ограби.
Екстрадиција од Косово се чека и за Алмир Дрпљанин од Скопје, осуден на доживотен затвор за убиството на припадник на полициските „алфи“ во 2008 година. Сашко Стојчев и Симеон Михаилов од случајот Детонатор кои се во бегство, исто така добија најтешка казна доживотен затвор. Лицата од случајот Монструм кои добија иста така казна, таа е првостепена и не е мината низ другите инстанци на првниот систем.
Tweet |